ТАЖНИОТ ХАРОЛД – КАКО ИНТЕРНЕТ МЕМИЊА НАПРАВИЈА СЛАВНА ЛИЧНОСТ ОД ОБИЧЕН ЕЛЕКТРИЧАР?

Будимпешта, (Гардијан)

Секој што редовно е на интернет не може да го избегне ликот на Андраш Арато.

Овој 74-годишник до пред некоја година бил само обичен електричар, кога сфатил дека неговиот лик станал меме (го има дури и на промотивните материјали за актуелното издание на филмскиот фестивал Синедејс во Скопје).

„Луѓето на интернет мислеа дека мојата насмевка, заедно со погледот во моите очи, изгледа неверојатно тажно“, вели Арато.

И така тој станал Hide the Pain Harold.

Арато е заштитен лик и на годинашниот Синедејс

Тој станал меме благодарение на серија комерцијални фотографии што ги снимил пред десетина години, мислејќи дека тие ќе се користат за реклами, бизниси и сајтови. Место тоа, Арато станал ѕвезда на мемиња и набргу го имаше насекаде на интернет, а потоа се здобил и со медиумско внимание.

„Откако ја регистрирав сопственоста врз мемето, почнав да добивам понуди за работа. Снимав реклами во Унгарија, Германија и Британија и само лани патував од Будимпешта на 20 локации во Европа, Русија и Јужна Америка. Во Чиле и Колумбија гостував на телевизија и за првпат се почувствував како вистинска славна личност“, вели Арато.

Мемето почна да се користи и за позитивни цели, како кампањи и тоа е она што го радува Арато.

„Мило ми е што по десет години ова е нешто повеќе од идиотска насмевка. Иако ме викаат Hide the Pain Harold, јас воопшто не сум тажен карактер“, додаде Арато.