ТРАМП ПЛАНИРА ВРАЌАЊЕ НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ СО СВОЈА ПЛАТФОРМА

Вашингтон, (Би-Би-Си)

Бившиот американски претседател Доналд Трамп планира наскоро да се врати на социјалните мрежи и тоа со своја сопствена платформа, изјави негов советник.

„Верувам дека тој ќе се врати на социјалните мрежи за два-три месеци. Неговата платформа ќе биде најбараното нешто во социјалните медиуми и мислам дека целосно ќе ја редефинира играта“, изјави Џејсон Милер.

Трамп беше суспендиран од сите големи социјални платформи по крвавиот упад на неговите приврзаници во Конгресот на 6 јануари, вклучувајќи го и Твитер, каде што десет години беше исклучително активен и имаше 90 милиони следбеници. Твитер тогаш објави дека му забранува пристап поради опасноста од натамошно поттикнување насилство.

Милер не откри детали за социјалната мрежа на која ќе се активира Трамп.

„Сите едвај ќе чекаат да видат што прави Трамп. Тој веќе одржа неколку состаноци со различни тимови во врска со овој проект. Неколку големи компании пројавија интерес и оваа нова платформа ќе биде нешто големо“, додаде Милер, предвидувајќи дека Трамп ќе привлече десетици милиони луѓе.