ВИДЕОИГРИТЕ СЕ ПРЕНАСИЛНИ И ЗА НИВ НЕМА МЕСТО НА ОЛИМПИСКИТЕ ИГРИ

Џакарта, (Би-Би-Си)

Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Томас Бах кажа дека еспортот е пренасилен за да биде дел од Олимписките игри.

Тој додаде дека таканаречените видеоигри со убивање промовираат насилство и дискриминација и затоа се неприфатливи за Олимпијадата.

„Игрите кои се сведуваат на убивање немаат никакви допирни точки со олимписките вредности“, изјави Бах за време на Азиските игри во Џакарта.

Еспортот, кој се очекува да има глобален приход од една милијарда фунти во 2020 година, за првпат беше вклучен во програмата на Азиските игри како демонстрациски настан.

Со глобална публика од 320 милиони луѓе, еспортот веќе не се смета за ограничен феномен, но продолжува дебатата дали навистина може да се смета за спорт.

Бах, кој има олимписко злато во мечување, смета дека еспортот треба да биде помалку насилен, за да биде примен во олимпиското семејство.

„Проблемот на видеоигрите е крвта. Се разбира, секој борбен спорт влече потекло од вистинска борба помеѓу луѓето. Но, спортот е цивилизиран израз на таа борба“, вели Бах.