ЖАН-МИШЕЛ ЖАР СОЗДАДЕ АЛБУМ ШТО МОЖЕ БЕСКОНЕЧНО ДА СЕ СЛУША

Париз, (Би-Би-Си)

Жан-Мишел Жар е еден од пионерите на електронската музика. Во 50-годишната кариера има продадено 80 милиони албуми, продуцирал албум кој излегол во само еден примерок („Музика за супермаркети“) и настапил пред публика од 3,5 милиони луѓе (Москва, 1997). Неговиот најнов проект е бесконечно парче музика, што ќе живее и по неговата смрт.

Наречен „Еон“, станува збор за специјално програмирана апликација на „Ајфон“, која продуцира динамична, постојано еволуирачка музичка свита.

„Тоа е како бесконечен албум. Секој пат кога ќе ја пуштите апликацијата, таа ќе создаде нешто специјално само за вас“, вели 71-годишниот француски композитор.

Албумот се темели на седумчасовниот материјал што тој го компонирал, снимил и продуцирал во студио. Секој пат кога ќе пушти „Еон“, слушателот се изненадува со нова музика, така што апликацијата одново ги аранжира акордите, ритмите и мелодиите, користејќи сложен сет на правила.

„Ова не може да се каже нескромно, но со овој проект се допира вечноста. ‘Еон‘ ќе постои и по мојата смрт. Ќе ја вклучите во соларен панел и засекогаш ќе свири“, вели Жар.

Тој додава дека „Еон“ создава песни кои се богати во расположенија и темпо.

„‘Еон‘ не создава еднолиниска амбиентална музика. Можете да почнете со техно ритам, па да се смени во жичен аранжман. Ова има концепт на албум, но различен за секој поединец“.