Легендарниот стадион „Астека“ во Мексико и над пет милијарди долари вредниот „СоФи“ во Лос Анџелес се избрани меѓу домаќините на Светското фудбалско првенство во 2026, прво кое ќе се игра во три држави, САД, Канада и Мексико.
Тоа исто така ќе биде прв мундијал со 48 репрезентации, кои ќе играат на 16 стадиони, од кои 11 во САД, три во Мексико и два во Канада. „Астека“ ќе стане првиот стадион кој бил дел од три светски првенства. „Роуз боул“ во Лос Анџелес, на кој се играше финалето на СП 1994, не е вклучен на листата.
„Сите предложени градови беа неверојатни. Ова беше многу, многу тежок избор. Замислете, светското првенство доаѓа во САД, а нема да се игра во Вашингтон“, изјави Колин Смит, шефот за натпреварувања и стадиони во ФИФА.
Засега не е решено каде ќе се игра финалето.
Атланта, Бостон, Далас, Хјустон, Канзас Сити, Лос Анџелес, Мајами, Њујорк/Њу Џерси, Филаделфија, Сан Франциско и Сиетл се избраните градови од САД, во Канада ќе се игра во Торонто и Ванкувер, а во Мексико во истоимениот главен град, Гвадалахара и Монтереј.