Македонскиот пијанист од светски глас Симон Трпчески и легендарниот руски виолинист Максим Венгеров ја заокружија заедничката минитурнеја со синоќешниот настап во Париската филхармонија.
Како во лондонската сала „Барбикан“ и во њујоршкиот „Карнеги хол“, двајцата врвни уметници ја воодушевија и француската публика со изведбата на дела од Моцарт, Прокофјев, Франк и Равел. И овој нивни настап заврши со долготрајни аплаузи и стоечки овации, како и со три биса, пренесе Здружението за култура и уметност КултурОп.
„Оваа година навистина не можеше да почне поубаво. Ова е доказ дека соништата се остваруваат: на најпрестижните сцени настапив со Максим Венгеров. Се радувам што нашите искреност и фантастично поврзување на сцената толку убаво беа препознати од публиката”, изјави Трпчески, кого наредниот месец го очекуваат гостувања во Германија и Ерменија.
Трпчески и Венгеров лани првпат свиреа заедно на фестивал во Белгија, по што за почетокот на оваа година договориле минитурнеја.
„Со некои луѓе веднаш се воспоставува хемија и ова е таков случај. Ми беше позната комплетната работа на Симон и во него препознав многу сензитивен партнер. Навистина се надевам дека ќе свириме и во иднина, дека можеби ќе успееме заеднички и да снимиме нешто, а и повторно би сакал да дојдам во Македонија”, рече Венгеров.