Атина ги почна работите на изградбата на своите први облакодери, при што „Хелиникон“ е опишан како најголемиот развоен и инвестициски проект во историјата на Грција.

Тој ќе се реализира на местото на некогашниот меѓународен аеродром „Хелиникон“ и „Ламда дивелопмент“ планира да го претвори просторот од 620 хектари во комплекс од јавни паркови, луксузни резиденции, хотели, спортски објекти, ексклузивни продавници, казино и марина за јахти. Вкупната вредност на огромниот проект, кој треба да биде довршен за три и пол години, се проценува на осум милијарди евра.

Опозицијата и граѓанските групи долго време се бореа против изградбата на шесте облакодери високи по 200 метри, сметајќи дека тие засекогаш ќе ја променат градската панорама на Атина. Во Атина моментално има само 25 високи згради, од кои највисоката има 103 метри – Атинската кула, изградена во 1968 година. Ретко која станбена зграда ја надминува височината од 27 метри.

„Овој проект ја симболизира новата Грција“, изјави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.