АМЕРИКАНСКАТА ВЛАДА ГИ ПОМАГА И ГОЛЕМИТЕ МУЗИЧКИ ИМИЊА ПОРАДИ ОТКАЖАНИТЕ ТУРНЕИ

Вашингтон, (Ролинг стоун)

„Прл џем“, „Ганс ен роузис“, „Иглс“ и „Грин деј“ се меѓу големите музички имиња кои добиле финансиска помош од американската влада поради откажаните турнеи како резултат на пандемијата на коронавирусот. Овие средства се дел од владиниот пакет од 2.000 милијарди долари наменет за поддршка на малите бизниси погодени од коронавирусот и треба да им помогнат на бендовите да ги зачуваат работните места на својот придружен персонал.

Според „Ролинг стоун“, на листата се наоѓаат повеќе од 50 бендови и музичари од сите жанрови и најголем дел од нив примиле помош меѓу 150.000 и 350.000 долари. „Прл џем“ и „Иглс“ се меѓу оние кои добиле од поголемите заеми, што се движат меѓу 350.000 и еден милион долари.

Помош добиле и имиња како „Слипнот“, „Имеџин дрегонс“, „Тул“, „Никлбек“ и „Визер“.

Во понеделникот, и британската влада соопшти дека ќе го помогне културниот сектор со 1,75 милијарди фунти.