Првата зграда во Барселона, дизајнирана од прославениот архитект Антони Гауди, за првпат ќе биде отворена за јавност овој месец, како што градот се обидува да му даде нов поттик на туризмот.
Терористичките напади и референдумот за независност на Каталонија, што беше проследен со полициско насилство, придонесоа туристичката индустрија да забележи пад од 15%, па градот го повлекува својот најсилен адут.
Катедралата Ла Саграда фамилија е веќе синоним за градот, но од 16 ноември, за јавност постојано ќе биде отворена и Каса Висенс, првото архитектонско ремек-дело на Гауди, чија изградба почна во 1883 година. Таа се наоѓа во областа Грасија и се смета за прв значаен пример на каталонското модернистичко движење, а од 2005 година е под заштита на УНЕСКО.
„Ова би можел да биде момент на мирот. Оваа зграда е дијалог помеѓу природата и архитектурата. Ова е суштината на универзумот на Гауди, градина на каталонскиот модернизам“, вели менаџерката Мерседес Мора.