Бункер од Втората светска војна претворен во зелен хотел, бар и простор за настани стана најновото туристичко обележје на Хамбург, откако беше отворен за јавност овој месец.
Лоциран во центарот за ноќен живот во Хамбург, Санкт Паули, бункерот е една од големите бетонски тврдини што сè уште можат да се видат во овој пристанишен град и низ Германија, во кои граѓаните биле евакуирани за време на воздушните напади во 1940-тите.
Одамна надвор од употреба, големата кула што се користеше за соборување непријателски авиони сега е подигната за пет ката, од 38 на 58 метри и е уредена со растенија во изминатите неколку години. Посетителите можат да истражуваат кровна градина со 4.700 растенија, сето тоа со поглед на градот и негови знаменитости. Меѓу највпечатливите нови дизајнерски елементи е големата патека, исто така обложена со растенија, грмушки и дрвја, која се обвиткува околу надворешната страна на објектот.
Тој сега има простор за настани, ресторан, бар, кафуле и хотел со 134 соби, кој го менаџира „Хард рок“. Соба за викенд чини околу 500 евра. Концептот вклучува и меморијален и информативен центар кој ја објаснува историјата на бункерот, што нацистите го изградиле во 1942.
Приватниот инвеститор Томас Мацен вели дека ја финансирал зелената структура со околу 60 милиони евра.
Во Хамбург и денес има околу 650 бункери. Распространети се низ целиот град и служат како музеи или ѕидови за спортско качување, меѓу другите намени.
(Фото: ДПА)