По повеќе од една деценија планирање, започна изградбата на најдолгиот подводен тунел на светот. Спуштајќи се 40 метри под Балтичкото Море, тунелот „Фемарнбелт“ ќе ги поврзе Данска и Германија и значително ќе го скрати патувањето меѓу двете земји кога ќе биде отворен во 2029 година.
Тунелот долг 18 километри е еден од најамбициозните европски инфраструктурни проекти и ќе чини над седум милијарди евра.
Тој ќе се гради во теснецот меѓу германскиот остров Фемарн и данскиот остров Лоланд и треба да биде алтернатива за сегашната траектна врска, што секоја година ја користат милиони патници. И додека патувањето со траект трае 45 минути, преку тунелот ќе се стигнува на другата страна за седум минути со воз, односно за десет со автомобил.
„Фемарнбелт“ истовремено ќе биде најдолгиот комбиниран друмско-железнички тунел на светот.
„Сега ако сакате да одите со воз од Хамбург до Копенхаген ви требаат четири и пол часа, а кога тунелот ќе биде готов, истото патување ќе трае два и пол часа“, вели Јенс Оле Каслунд, техничкиот директор на „Фемерн“, државна данска компанија која е одговорна за проектот.