Во Исланд се отвори најголемиот погон на светот дизајниран да цица јаглероден диоксид од воздухот и да го претвора во камења, објавија компаниите кои стојат зад проектот. Погонот наречен „Орка“, според исландскиот збор за енергија, се состои од четири единици, а секоја од нив е составена од по два метални контејнера.
Конструиран од швајцарска и исландска компанија, погонот ќе може да извлекува 4.000 метрички тони јаглероден диоксид од воздухот годишно ако работи со полн капацитет. Според американската Агенција за заштита на животна средина, тоа е рамно на емисијата на 780 автомобили.
Изградбата на погонот, кој се наоѓа во близина на Рејкјавик, чинела меѓу десет и 15 милиони долари.
За да се собере јаглероден диоксид, погонот користи вентилатори што го влечат воздухот во колектор, кој содржи филтер. Кога филтерот ќе се наполни, колекторот се затвора, а температурата се покачува за да се ослободи јаглеродниот диоксид, по што може да се собере. Тој потоа се меша со вода, пред да се вбризга во базалтна карпа на длабочина од 1.000 метри, каде што се минерализира.