Светското првенство во Катар заврши со вчерашното спектакуларно финале во кое Аргентина ја совлада Франција на пенали и палката ја презедоа САД, Канада и Мексико, кои заеднички ќе бидат домаќини во 2026.
За разлика од Катар, каде што седум од осумте стадиони беа изградени специјално за овој Мундијал, сите 16 стадиони за СП 2026 веќе постојат и евентуално ќе бидат прилагодени. Во САД ќе се игра на 11 стадиони кои се домови на НФЛ тимови, во Канада на два, а во Мексико на три, вклучувајќи го легендарниот стадион „Астека“, кој беше домаќин на финалето во 1970 и 1986 година.
Официјално, најголем капацитет од нив има токму „Астека“, кој може да прими 87.000 гледачи. Над 80.000 седишта имаат и стадионите во Хјустон, Арлингтон и Њу Џерси, а најмал е „БМО Филд“ во Торонто, кој располага со 27.000 места, но може да биде проширен до 40.000, што е потребниот минимум за организирање мечеви од СП.