Архитектонско студио од Пекинг гради концертна сала која ќе има изглед на праисториска карпа, што ќе биде сместена среде долина северно од главниот град на Кина. Од „Open Architecture“ велат дека се инспирирале од древни карпести формации и школки кога ја дизајнирале неправилната форма на салата, наречена Звучна капела.

Во моментот во фаза на изградба, структурата се прави од бетон измешан со столчени камења и минерали. Внатрешноста е шуплива, дизајнирана така да се овозможи најквалитетен можен звук при музичките настани.

Салата нема да биде затворена кутија, па кога нема концерт, ќе можат да се слушаат природни звуци

Слоевитиот облик на објектот е инспириран од седиментните карпести формации од околните планини. Наспроти грубата внатрешност налик на пештера, грижливо дизајнираните детали ќе им даваат удобност и смиреност на посетителите“, велат од студиото.

Звучната капела се наоѓа во долина која содржи остатоци од Големиот ѕид на Минг, кој денес го сочинува најпрепознатливиот дел од Кинескиот ѕид.

Посебен софтвер за дигитално моделирање е употребен за да се оптимизира интериерот, со цел тој да биде сличен на резонантните шуплини што можат да се пронајдат во школки, дрвени инструменти, па дури и во човечко уво, но тоа нема да биде затворена кутија.

Дури и кога нема да има концерт внатре, луѓето ќе можат да дојдат и во тишина да слушаат птици, инсекти, ветер или дожд. Тоа ќе биде како природна симфонија која постојано ќе се менува“, додаваат од студиото.