КУЛАТА „ГЕНЕКС“ ВО БЕЛГРАД ПРОГЛАСЕНА ЗА СПОМЕНИК НА КУЛТУРАТА

Белград, (Н1)

Српската влада донесе одлука за прогласување на станбено-деловната кула „Генекс“, едно од модерните обележја на Белград, за споменик на културата. Објектот во бруталистички стил е граден од 1970 до 1980 година, според проектот на српскиот архитект Михајло Митровиќ и своевремено бил највисоката зграда на Балканот.

„Монументалната градба претставува урбан светилник и највпечатлив мотив на Нов Белград, но и визуелен репер на целиот град. Таа е позната и под името Западна порта и за многумина кои доаѓаат по автопатот е знак дека стигнале дома“, вели архитектката Љубица Славковиќ.

Во времето кога беше изградена, таа била првата „паметна“ зграда во Југославија со иновациите во системите за климатизација и греење, а новина за бетонските фасади било украсувањето на приземјето со мурали, дело на познатиот српски сликар Лазар Вујаклија. Масивната структура, која се состои од две кули споени на 26. кат, во што беше меѓу првите на светот, го имаше првиот дисплеј часовник, на кој можеше да се прочитаат времето, датумот и температурата.

Зградата своевремено беше седиште на најголемата југословенска фирма „Генекс“, со кружен панорамски ресторан на врвот, кој од 1999 е затворен и недостапен.