ОВАЦИИ ЗА ДИНА ЈАШАРИ ВО БЕЛГРАД НА КОНЦЕРТОТ ЗА ДЕНОТ НА МЛАДОСТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Белградската публика со овации ја поздрави Дина Јашари на настапот на платото пред Музејот на Југославија во Белград, што беше во рамките на 9. издание на манифестацијата „Leto u MuzeYU“ по повод Денот на младоста.

Настапот се одржа точно една година по објавувањето на нејзиниот деби албум „Растенија без корен“, а Јашари симболично го одбележа моментот со трчање три круга околу бината, гест инспириран од традицијата на Денот на младоста и штафетата, по што следуваа долги овации од публиката.

Настапија и хрватскиот состав „Немечек“ и српскиот бенд „Љубичице“, добитниците на регионалната музичка награда „Милан Младеновиќ“, која Дина Јашари ја освои во 2022 со песната „Дома“.

Белградскиот концерт беше дел од регионалната турнеја на Јашари, која претходно настапи во Љубљана и Подгорица, а продолжува и во Хрватска, на фестивалот „Сурф“ на островот Крк.