Архитектурата во Скопје во периодот од времето на бившата СФРЈ е изложена во виенската галерија Рингтурм. Прикажани се макети и скици на градби од 1945 до 1991 година. Изложбата е поделена на два дела „Скопје од 1945 до 1963 година“ и „Скопје од 1963 до 1991 година“.

Автори на изложбата се архитектите Владимир Десков, Ана Ивановска- Дескова и Јован Ивановски.

Австриско-македонскиот проект се реализира на покана од архитектот Адолф Штилер, долгогодишен куратор во престижната галерија.

Авторите велат дека побудениот интерес за модерната архитектура на Скопје доаѓа по периодот кога вниманието на домашната и на светската јавност е насочено  кон контроверзниот проект „Скопје 2014“.

„Оваа социјална и културна ‘ретрадиционализација’, која беше спроведена до ексцеси во архитектонската сфера, доведе до изградба на нови нео-еклектички градби (главно владини институции), безброј споменици кои ги рефлектираат историските наративи, како и концентрирани напори за забрана и бришење наследство и вредности на модернизмот од јавна меморија“, велат авторите на изложбата.