„Фараонското“ здание во центарот на Тирана изградено како посмртен музеј за комунистичкиот лидер Енвер Хоџа ќе биде претворено во младински едукативно-уметнички центар. Премиерот Еди Рама го означи почетокот на градежните работи, кои треба радикално да ја изменат напуштената структура од 17.000 квадратни метри.

За таа цел е ангажирана фирма од Ротердам, која ќе го трансформира музејот во 18 хали во кои ќе се организираат воншколски програми за дизајн, роботика и информатички технологии за тинејџери.

Познат како Пирамида, необичниот објект се наоѓа веднаш до главниот владин комплекс во Тирана и беше изграден во 1988 година како музеј за Енвер Хоџа. Тој беше дизајниран од неговите ќерка и зет, и двајцата архитекти. По падот на комунизмот во 1990, во музејот имаше културен центар, ТВ-станица, канцеларии, продавници, па дури и ноќен клуб.