РЕТКА КОЛЕКЦИЈА КНИГИ ЗА ЏЕЈМС БОНД СОБИРАНИ НИЗ ЦЕЛ СВЕТ СЕ ПРОДАВА ЗА 475.000 ФУНТИ

Лондон, (Би-Би-Си)

Ретка колекција на првото издание на книгите за Џејмс Бонд ќе се продава на аукција за 475.000 фунти. Таа ги содржи сите 14 книги за тајниот агент 007 што ги напишал Ијан Флеминг. Десет од нив имаат и рачно напишана посвета од Флеминг, вклучувајќи за една од неговите девојки.

„Тоа им дава дополнителна вредност на книгите. Флеминг знаел дека книгите добиваат поголема вредност кога се потпишани“, вели дилерот на книги Џон Еткинсон, кој помогнал колекцијата да се состави за приватен колекционер.

Колекцијата е дополнета со книгата „Теренски водич за птици од Западна Индија“ од орнитологот Џејмс Бонд, од кого Флеминг го позајмил името на својот славен лик.

Еткинсон вели дека му требале години за да ја состави колекцијата.

„Ги наоѓав на сите страни на светот, на аукции, на приватни продажби. За некои од нив моравме и да се бориме“, вели Еткинсон.