НОВИОТ АЕРОДРОМ ВО ПЕКИНГ ТРЕБА ДА ЈА ПРЕТВОРИ КИНА ВО ЛИДЕР ВО СВЕТСКИОТ АВИОСООБРАЌАЈ

Пекинг, (Дојче веле)

Пекинг денеска го отвори својот нов меѓународен аеродром што на патниците ќе им даде алтернатива за постојниот „Капитал“, кој е еден од најпрометните на светот.

Простирајќи се на 70 хектари, „Дашинг“ ќе биде најголем аеродром на светот по површина, а изгледот на морска ѕвезда ќе придонесе патниците помалку да пешачат.

Прославената иранско-британска архитектка Заха Хадид го проектираше аеродромот пред да почине во 2016 година. Неговата изградба почна пред пет години и властите се надеваат дека тој ќе може да се справи со предвидените 72 милиони патници годишно, пред да го достигне својот полн капацитет од 100 милиони во 2040.

Нема точни податоци колку чинела изградбата на аеродромот и агенцијата АФП ја постави сумата на 120 милијарди јуани (16,9 милијарди долари), а уште 280 милијарди јуани биле вложени во нови патишта и железнички линии. На патниците ќе им требаат 20 минути за да стигнат до градот со експресен воз.

Кина се надева дека до 2022 година ќе ги помине САД како најголем светски воздухопловен пазар.

Во меѓувреме, „Хартсфилд-Џексон“ во Атланта останува најголем аеродром на светот, откако низ него во 2018 година поминале 107,4 милиони патници. Потоа следуваат „Капитал“ во Пекинг (101 милион), Дубаи (89,1), Лос Анџелес (87,5), „Ханеда“ во Токио (86,9), „О‘Хер“ во Чикаго (83,2), „Хитроу“ во Лондон (80,1)…