ПАРИЗ САКА ДА ГО ВРАТИ СТАРИОТ СЈАЈ НА ЕЛИСЕЈСКИ ПОЛИЊА СО ПРОЕКТ ОД 250 МИЛИОНИ ЕВРА

Париз, (Гардијан)

Елисејски полиња (Шанз-елизе) често се нарекува „најубавата авенија на светот“, но таа веќе не е она што беше. Таа се наоѓа во еден од најзагадените делови на градот и парижаните сѐ повеќе ја избегнуваат.

Лидерите на локалната заедница сега открија амбициозен проект од 250 милиони евра кој на три километри долгата улица треба да ѝ врати барем дел од старата слава.

Дел од предложениот проект на обнова

„Иако често се нарекува најубавата авенија на светот, ние кои работиме овдека секој ден не сме сигурни во тоа. Елисејски полиња има сѐ повеќе и повеќе посетители и големи брендови се тепаат да бидат тука, но на локалните луѓе, таа им изгледа истрошено. Последен пат беше реновирана пред 25 години и мора да ја модернизираме и внесеме во 21. век“, вели Жан-Ноел Рајнхарт, претседател на комитетот „Шанз-елизе“.

Шанз-елизе го добила ова име во 1709 година и до крајот на векот станала популарно место за прошетки и пикници, а подоцна и за национални прослави.

Истражувањата покажуваат дека околу 100.000 пешаци дневно поминуваат по улицата и од нив, 72% се странски туристи. Осумте ленти од коловозот, пак, ги користат 3.000 возила на час, па во улицата е позагадено отколку на високопрометната обиколница на периферијата.

Новиот проект предвидува намалување на просторот за возилата за половина, тунели од дрвја и поестетско користење на комерцијални простори.

„Сакаме и натаму да ни доаѓаат туристи, но сакаме и парижаните да ја користат улицата како пред 100 години“, додаде Рајнхарт.