ХОМО ЕРЕКТУС, ПРВИОТ ВИД КОЈ ОДЕЛ ИСПРАВЕНО, ПРЕЖИВЕАЛ ПОДОЛГО ОТКОЛКУ ШТО СЕ МИСЛЕШЕ

Ајова, (Би-Би-Си)

Хомо еректус, древниот предок на модерните луѓе, преживеал подолго отколку што првично се мислеше, покажа ново истражување.

Тој се развил пред околу два милиона години и бил прв познат човечки вид кој одел целосно исправено. Новите докази покажуваат дека тој преживеал на индонезискиот остров Јава сѐ до пред 100.000 години, долго откако веќе бил исчезнат на други места. Тоа значи дека тој постоел кога нашиот вид веќе се појавил.

Најмладите фосили на хомо еректус се пронајдени на островот Јава

Дванаесет черепи на хомо еректус биле пронајдени во 1930-ите во реката Соло во Нгандонг во централна Јава, заедно со илјадници други фосили. Во наредните децении истражувачите се обидувале да ја утврдат нивната старост, но тоа одело тешко поради сложената околна геологија.

Тим предводен од професорот Расел Кајокон од Универзитетот Ајова сега утврди дека коските се стари меѓу 117.000 и 108.000 години, што се најмлади познати фосили на хомо еректус. Се верува дека тој конечно исчезнал под влијание на промени во климата.

„Ова потврдува дека Нгандонг е место на најмладиот пронајден хомо еректус на светот. Ставивме крај на долги контроверзи околу староста на овој важен локалитет за човечката еволуција“, кажа Кајокон.