РЕКОРД ВО АРХИТЕКТУРАТА – 18 ОБЛАКОДЕРИ ЗАВРШЕНИ НИЗ СВЕТОТ ВО 2018

Пекинг, (Дезин)

Осумнаесет облакодери низ светот беа завршени во 2018, што е највисока бројка за една година, покажа годишниот извештај на Советот за високи згради и урбано живеење. Кина продолжува да доминира во овој сегмент и годинава комплетираше изградба на 11 згради повисоки од 300 метри.

Од 142 згради повисоки од 200 метри кои беа завршени лани, 88 се во Кина. Тоа е рекорд за оваа земја, откако изгради 86 високи згради во 2016 и 80 во 2017 година. На второто место се САД, каде се изградени 12 нови згради повисоки од 200 метри.

Пекинг го има највисокиот нов облакодер, кулата ЦИТИЦ (Кина жун), висока 528 метри. Таа е сега деветта највисока зграда на светот.

„Со оглед на стапката на урбанизацијата во светот и дека секоја недела мора да се изгради еквивалент на нов град од еден милион луѓе за да се приспособи на овој раст, не е изненадувачки што продолжува темпото на градење високи згради“, изјави директорот на Советот, Ентони Вуд.