Астрономскиот часовник од 15. век во центарот на Прага, кој привлекува голем број туристи, вчера беше стопиран заради поправките кои ќе траат шест месеци, објави Градското собрание.
„Часовникот на Стариот град е еден од симболите на Прага и неговото поправање е неопходен и одговорен чекор”, изјави Јан Волф, градски советник за култура.
Часовникот, наречен Орлој, ќе биде демонтиран, бидејќи зградата на којашто е поставен е во процес на целосна реконструкција, прва од Втората светска војна, кога поголемиот дел од неа беше уништен, појасни Волф.
Секој час, голем број туристи се собираат пред часовникот, за да гледаат фигури на 12 апостоли, кои се појавуваат на два мали прозорци над софистицираниот астролаб, кој го покажува движењето на Месечината и Сонцето и нејзиното влегување во знаците на Зодијакот.
Дизајнот на средновековниот часовник е базиран на теоријата дека Земјата е центар на универзумот, а три четвртини од неговите компоненти се од оригиналот од 15. век. Според една легенда, советниците во Прага го ослепиле производителот на часовникот, за да го спречат да изгради друг ваков уред.