СЕ УРИВА „САН СИРО“, МИЛАН И ИНТЕР ЌЕ ГРАДАТ НОВ СТАДИОН ОД 630 МИЛИОНИ ФУНТИ

Милано, (АНСА)

„Сан Сиро“, легендарниот стадион на Милан и Интер, ќе биде урнат, откако двата клуба се согласија да изградат нов, кој ќе чини 630 милиони фунти. Тие донесоа одлука да добијат нов дом, откако модернизацијата на постојниот стадион се покажала прескап зафат.

„Ќе изградиме нов ‘Сан Сиро‘ во истата област. Стариот стадион ќе биде урнат и на негово место ќе бидат изградени комерцијални објекти“, потврди претседателот на Милан, Паоло Скарони.

Новиот стадион, кој ќе има 20.000 седишта помалку од сегашниот, треба да биде готов за сезоната 2022/23.

Изграден во 1925 година, „Сан Сиро“ беше домаќин на четири европски финалиња, како и на шест мечеви од Светското првенство 1990 во Италија. Милан почна да го дели стадионот со Интер во 1937 година, кој кога беше домаќин го викаше „Џузепе Меаца“.