11-ГОДИШЕН ШТИПЈАНЕЦ МЕЃУ ТРОЈЦАТА МАКЕДОНСКИ МАТЕМАТИЧАРИ КОИ ОСВОИЈА МЕДАЛ НА БАЛКАНИЈАДАТА ВО КИПАР

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Од шестмина македонски претставници, тројца се вратија со медал од Балканската јуниорска олимпијада по математика, што се одржа во Кипар. Јасна Илиева од Скопје и 11-годишниот штипјанец Дамјан Давков, најмладиот учесник на шампионатот, освоија сребро, а скопјанецот Никола Спировски стигна до бронза.

Успехот на Дамјан, кој е шесто одделение, е уште поголем ако се знае дека останатите натпреварувачи биле три години постари од него.

Дамјан Давков и Јасна Илиева освоија сребро, а Никола Спировски бронза

„Очекувавме добар настап на Дамјан, но не помисливме дека ќе освои сребрен медал во една таква силна конкуренција. Но, од друга страна, лани кога беше петто одделение, Дамјан беше најдобар на државниот натпревар, на кој учествуваа и ученици од трета година средно образование. Дамјан е вистинско чудо од дете и на сите државни натпревари ги освојува максималните 100 поени“, вели Методи Папаров, директор на ОУ „Ванчо Прќе“ во Штип, во кое учи и Давков.

Дамјан има свој ментор во ОУ „Ванчо Прќе“, тоа е професорката по математика Силвана Донева, но талентот по математика очигледно му е наследен, имајќи предвид дека и мајка му Никица го предава овој предмет, но во друго основно училиште во Штип.

„Како што беше случај со мене, така и на Дамјан математиката му е во срцето. Постојано нешто решава и вежба и секогаш бара посложени и посложени задачи. За малку ќе го освоеше и златниот медал на Балканијадата, но и второто место претставува голем успех“, рече Никица Давкова, која го придружуваше својот син во Кипар.

Општина Штип веднаш донесе одлука Дамјан да биде награден со 20.000 денари, а го обезбеди и превозот од аеродромот во Софија до Штип.

Т. ЈОВАНОВСКИ