За 799 долари од ноќ, туристите сега имаат можност да спијат под вода во Големиот Корален Гребен.

Подводните хотелски соби на „ReefSuites“ ќе бидат отворени од 1 декември и ќе нудат „интимно искуство што ќе ви остане во сеќавање засекогаш“.

Собите имаат огромни прозорци што на гостите им овозможуваат поглед на тиркизното водено пространство, а ноќе ќе можат да го изгаснат светлото и да го набљудуваат подводниот свет, окружени од темнината на непрегледниот океан.

Подводните соби се дел од „Reefworld Pontoon“, 10 милиони долари вредна структура изградена на местото на оригиналниот понтон што беше оштетен од циклонот Деби во 2017 година. Проектот предвидува и пресадување на 4.000 парчиња корали на постојните корални ѕидови.

Ова е прво подводно хотелско сместување во Австралија, но нема да биде и единствено. Владата на Квинсленд го одобри планот за изградба на подводен хотел и на јужниот крај на Големиот Корален Гребен. Подводни хотели веќе можат да се најдат во Танзанија, Дубаи и Малдиви.