ПУБЛИКАТА Е ТАА КОЈА РЕШАВА КОЈ Е УБИЕЦОТ ВО ПРЕТСТАВАТА „СКАНДАЛ“, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ РОБЕРТ РИСТОВ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Крими-комедијата „Скандал“ е најновата претстава во продукција на независниот Театар Провокација, во режија на Роберт Ристов, која утре ќе се изведе на сцената на Театар Комедија, а билетите се распродадени.

Станува збор за претстава во која публиката има задача да помогне во разоткривањето на убиството на познатата пијанистка Лена Вагнер Димитрова (газдарица на Фризерскиот салон), а единствените осомничени се присутните во салонот. Ристов вели дека интеракцијата со публиката за време на претставата дополнително ги анимира и мотивира присутните да станат што поактивни креатори на целиот продукт.

„Деталите забележани од страна на публиката се секогаш поразлични, дискусиите се секогаш поинакви, а актерите се подготвени да одговорат досетливо и духовито на секое прашање на присутните, за на крајот заеднички да дојдат до исходот – прогласувањето на убиецот според впечатоците, обвинувањата и гласањето од страна на публиката, концепт што сам по себе е оригинален и неповторлив. На секоја од претставите публиката може да изгласа различен убиец и со тоа да добие можност да погледне сцена во која ќе чуе поинаква субјективна приказна на убиецот, со поинакви мотиви за извршеното убиство. Тоа што дејството се случува во фризерскиот салон ‘Рера’ во Капиштец во Скопје е само една драматуршка алатка за локализирање на настанот, со цел пореално препознавање на локациите и ликовите од секојдневието што го живееме. Од друга страна е и начин да му се одолжиме на еден од спонзорите, кој ни помогна во опремувањето на претставата“, вели режисерот и додава дека по премиерата во Скопје, биле одлично прифатени и во Кавадарци и во Неготино.

Ристов е вработен актер во Театар Комедија, игра во претставите „Викенд на мртовци“ и „Жена ми се вика Борис“, а, пак, наградуваната претстава „Дони Дарко“ е во негова режија, со која и магистрирал театарска режија.

Ристов е вработен актер во Театар Комедија

„Во текот на изминатата година не бев ангажиран во ниту една нова претстава на Театар Комедија, а просторот го искористив за да бидам активен во мојата приватна продукција. Да се биде управител, продуцент, па и сценограф на претстава во приватна продукција која не располага со средства од државната каса претставува исцрпувачка работа, но луѓето околу мене, прекрасните актери со кои соработував при правењето на претставата и кои веруваа во неа, дополнително ме мотивираа да ги надминам и да ги совладам пречките на кои наидувавме од продукциски аспект и на крајот да добиеме една претстава за која се зборува во суперлативи“, вели Ристов.

Во „Скандал“ играат Никола Кузелов, Мирјана Поповска-Ристов, Даријан Петров, Чедомир Митевски, Јелена Мијатовиќ, Слаѓана Вујошевиќ и Радо Алексовски. Сценографијата е на Ристов, костимите на Елена Лука, а кореографијата на Искра Шукарова.

Б. НЕСТОРОСКА