Стотици огромни бели чинии лежат расфрлани во центарот на Доха, формирајќи го новото архитектонско чудо на Блиски Исток.
По 18 години изградба, вчера и официјално беше отворен Националниот музеј на Катар, но тука нема да биде изложена уметничката колекција на едно од најбогатите кралски семејства на светот, туку тој ќе ја раскажува приказната за нацијата и светот. Музејот, кој има изглед на пустинска роза, чинеше 434 милиони долари и е проектиран од студиото на прославениот француски архитект Жан Нувел.
„Катар е длабоко поврзан со пустината, тамошните флора и фауна и со номадскиот народ. За да ги спојам тие спротивставени приказни, ми требаше еден симболичен елемент. Така се сетив на феноменот на пустинска роза, чии кристални форми се како минијатурна архитектура, која излегува од земјата преку дејството на ветерот, солената вода и песокот“, појасни Нувел.
Музејот се простира на површина од 52.000 квадратни метри и неговиот покрив е како огромна сложувалка, која се состои од 539 дискови обложени со 76.000 бетонски панели во 3.600 различни големини и облици.