ТОКИО ЌЕ ДОБИЕ ДРВЕН ОБЛАКОДЕР ОД 70 СПРАТОВИ, НАЈГОЛЕМ НА СВЕТОТ

Токио, (Би-Би-Си)

Јапонска компанија планира да го изгради најголемиот дрвен облакодер на светот, со кој во 2041 година би се одбележале 350 години од нејзиното постоење.

„Сумитомо форестри“ објави дека за изградба на 350 метри високиот облакодер од 70 спратови би биле потребни 180.000 кубни метри дрво, а само 10% би биле метал. Тој ќе има 8.000 станови, при што на секое ниво ќе има дрвја и зеленило на терасите. Благодарение на структурата од цевки, тој ќе биде заштитен од стандардните земјотреси во Токио.

Проектот ќе чини 600 милијарди јени (четири милијарди долари), со што ќе биде двојно поскап од класичните облакодери со таа големина, но компанијата очекува трошоците да паднат до планираното завршување на изградбата во 2041 година.

Изградба на дрвен облакодер не е револуционерен концепт и такви веќе постојат во Минеаполис и Ванкувер, кој со височина од 53 метри моментално е најголем на светот.

Бетонски и железни згради оставаат јаглеродни траги и се одговорни за осум, осносно за пет проценти од глобалната емисија. Од друга страна, дрвени структури го задржуваат јаглеродот во себе, а Јапонија може да се пофали дека две третини од нејзината површина се покриени со шума.

Најголем предизвик при вакви градби е заштита од пожари. Ова се решава со посебен дрвен градежен материјал, кој за разлика од металот, останува постабилен кога е изложен на високи температури.