Луксузна вила на Малдиви располага со подводен апартман налик на аквариум, каде што гостите можат да уживаат во морскиот свет додека престојуваат.
Тој е дело на локалниот архитект Ахмед Салим, кој се здружи со едно њујоршко студио за да ја дизајнира приватната вила „Мурака“ на островот Рангали, кој е во составот на Малдиви. Подводниот апартман од 100 квадратни метри е окружен со ѕидови од органско стакло дебели 17 сантиметри.
„Малдиви се познати по своите чисти плажи и море. Погледот на океанот одзема здив, но тоа е само половина од убавината на Малдиви. Другата половина се наоѓа под површината на морето. Таму е цел екосистем што вреди да им се покаже на посетителите без да мора да нуркаат. Во овој апартман буквално можете да се почувствувате како дел од морето“, вели Салим.
„Мурака“, што во превод значи корал, може да се изнајми за 22.000 долари за ноќ. Во понудата се вклучени и готвач и приватен брод за истражување на островот.