БАРБИ НАПОЛНИ 60 ГОДИНИ – КУКЛА КОЈА ДЕНЕС СЛАВИ РАЗЛИЧНОСТИ И УСПЕШНИ ЖЕНИ

Њујорк, (Си-Ен-Ен)

Барби беше хирург, космонаутка, ТВ-водителка, претседателка, беше војвотката од Кембриџ и секоја од членките на „Дестинис чајлд“…, но кога првпат се појави на 9 март 1959 на Саемот за играчки во Њујорк, таа беше обична кукла во костим за капење, со коса фатена во опавче и со бели очила во раката.

Шест децении подоцна, секоја минута се продаваат сто кукли, односно 58 милиони годишно.

„Барби продолжува да биде така глобално популарна бидејќи ги одразува културата и светот што девојчињата ги гледаат околу себе“, вели Лиза Мекнајт, потпретседелката и глобален менаџер на брендот „Барби“.

Барби кога се појави на Саемот на играчки во Њујорк на 9 март 1959 и Барби во изданието по повод 60. роденден

Барби беше креирана од Рут Хендлер, косопственичката на компанијата за играчки „Мател“, добивајќи го името според нејзината ќерка Барбара. До 1960, Барби веќе беше „вработена“ како медицинска сестра, моден уредник или стјуардеса, а следната година се појави и нејзиното момче Кен. Таа потоа стана и извршен директор, пилот и повеќекратен кандидат за претседател, но тоа често беше следено од критики и контроверзи, бидејќи секогаш беше бела и ги задржуваше нереалните физички пропорции.

Првата црна кукла наречена Френси се појави во 1967, но дури 13 години подоцна брендот ги лансираше црната и латино верзија на Барби. Денес во понуда се седум нијанси на кожа, 22 бои на очи и 24 стилови на фризура, Барби во инвалидска количка и со протеза, Барби со хиџаб, а најновото е Барби со маорско потекло. Таа има и профил на Јутјуб и Инстаграм, каде има два милиони следбеници, што ја прави инфлуенсер.

Лани за 8 Март, компанијата издаде колекција кукли базирани на некои од највлијателните и најуспешни жени на светот, што беше проширена годинава.