БРИТАНИЈА ИЗДАДЕ ЗЛАТНА МОНЕТА ОД СЕДУМ КИЛОГРАМИ ВО ЧЕСТ НА ЏЕЈМС БОНД

Лондон, (АФП)

Британската кралска ковачница издаде златна монета тешка седум килограми во чест на новиот, 25. филм за Џејмс Бонд, „Не е време за умирање“.

Нејзината номинална вредност изнесува 7.000 фунти, најголема во историјата на ковачницата долга 1.100 години. Со дијаметар од 185 милиметри, таа е и најголемата монета некогаш изработена од официјалната Британска ковачница.

На монетата се изгравирани слика од омилениот автомобил на фиктивниот таен агент, „астон мартин ДБ5“ со славната регистрација BMT 216A, бројките 007 и револвер.

„Не е време за умирање“ оригинално требаше да има светска премиера на 31 март во Лондон, но поради ширењето на коронавирусот тоа е одложено за ноември.