Евровизиската песна „Ти“ (You), со која македонскиот пејач Васил Гарванлиев ќе настапи на 65. Евровизија во Ротердам, ќе биде промовирана вечерва во вториот Дневник на МТВ 1. Автор на музиката е Невена Нешкоска, македонска композиторка и продуцентка која работи и живее во Чикаго. Невена е автор и на текстот на песната, што го напиша заедно со нејзината сестра Калина Нешкоска и со колешката од Беркли, Алис Шредер.

Во продукцијата и аранжманот на песната, освен Невена Нешкоска, вклучени се и Дарко Димитров и Лазар Цветкоски. Видеозаписот е во режија на Милена Витман, а фотографијата и монтажата се на Ѓорѓи Вацев. Продуцент на спотот е Јелмаз Дервиши.

Од снимањето на видеопотот за песната „Ти“ (Фото: МРТВ)

„Не случајно го одбрав денешниот датум 8 март да ја промовирам песната“, изјави Гарванлиев, напомнувајќи дека во неговиот живот најголема улога играле жени, почнувајќи од мајка му, па сѐ до тимот кој работел и сѐ уште работи на евровизискиот проект годинава, а кој во најголем дел се состои од жени.

Гарванлиев ќе настапи во првата половина на првата полуфинална вечер во Ротердам на 12 мај. Во конкуренција за 10-те места во финалето во нашето полуфинале се и Австралија, Белорусија, Ирска, Литванија, Русија, Словенија, Шведска, Азербејџан, Хрватска, Белгија, Израел, Кипар, Малта, Норвешка, Украина и Романија.

И. ТРАЈКОВСКИ