ЧАША СО ЛИКОТ НА МАКРОН ЗА 25 ЕВРА- ЕЛИСЕЈСКАТА ПАЛАТА ЗА ПРВПАТ ЌЕ ПРОДАВА СУВЕНИРИ

Париз, (Ројтерс)

Чаши со кралски мотиви се долгодишна традиција во Велика Британија, како и чашите со детали од Белата куќа во САД. Сега за првпат во историјата, и Елисејската палата ќе нуди претседателски чаши и приврзоци за клучеви.

Продажбата на сувенири со мотиви од Франција и Елисејската палата беше одобрена од претседателот Емануел Макрон, чиј портрет се наоѓа на постер од 9, 90 евра.

Онлајн продавницата нуди и маици, часовници, нотеси, чанти и пенкала, со различни цени, како на пример маица со зборот Претседател чини 55 евра, приврзок со боите на француското знаме е 29 евра, чаша со ликот на Макрон е 24,90 евра и платнена торба чини 15 евра.

Најскап предмет е белезица од 14 каратно злато, на која се изгравирани одделно зборовите слобода, еднаквост и братство, која чини 250 евра.

Франција е позната дека имаше резервиран пристап за малопродажба и марткетинг на предмети врзани со претседателот.

Одлуката да се развие комерцијален бренд од претседателската функција беше донесена пред неколку месеци, но стартува во период кога рејтингот на 40-годишниот Макрон падна за 23 проценти.

Сите предмети се произведени во Франција, а дел од парите од продажбата ќе бидат наменети за одржување на Елисејската палата, која е стара 300 години.