ДАСКАТА КОЈА Ѝ ГО СПАСИ ЖИВОТОТ НА РОУЗ ВО „ТИТАНИК“ СЕ ПРОДАДЕ ЗА НАД 700.000 ДОЛАРИ

Лондон, (Би-Би-Си)

Даската која ѝ го спаси животот на Роуз (Кејт Винслет) во филмот „Титаник“ се продаде на аукција за 718.750 долари.

Уште од излегувањето на филмот во 1997 обожавателите дискутираа дали даската беше доволно голема за да ги собере и Роуз и Џек (Леонардо ДиКаприо) и така и двајцата да преживеат.

Аукцијата на реквизити и костими ја организираше ланецот „Планета Холивуд“.

Во една од финалните сцени во „Титаник“, еден од најголемите блокбастери на сите времиња, Џек инсистира дека дрвената даска може да ја спаси само неговата сакана Роуз, по што тој умира во ледениот Атлантски Океан.

Во една епизода на „Митбастерс“ од 2012, режисерот на филмот Џејмс Камерон откри дека секој ден добива пораки во кои фановите велат дека Роуз била себична, а Џек идиот во таа сцена. Тој стави крај на дискусиите со тоа дека според сценариото Џек морал да умре.

„Можеби се зафркнавме што не ја направивме даската помала, но ликот секако мораше да умре“, кажа Камерон.

(Фото: Алами)