Обетки, ѓердани, чаши, торби, перници и колажи од 11 македонски дизајнери се изложени на првиот поп-ап базар, кој се одржува во кафулето „Шорт бас“ во Скопје. Базарот почна попладнево и ќе трае до 21 часот, а утре и задутре ќе биде отворен од 12 до 21 часот.

„Идејата ми беше да се собереме дизајнери од најразлични сфери. Сакаме базарот да прерасне во културен настан, кој ќе стане традиционален. Местово е супкултурен центар и наидовме на голем интерес за базарот“, ни рече дизајнерот Амар Кача, кој се претставува со брендот „Ред“.

Креациите на Биљана Секуловска (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Свои дизајнерски чаши првпат јавно изложува и новинарката Биљана Секуловска, која црта и чинии и маси. Таа вели дека пред шест месеци сфатила дека може и сака да го работи овој вид на уметност. Не се доживува себеси ни како уметник, ни како дизајнер, но додава дека порано сликала. Слика врз чашите и чиниите со специјални бои и потоа ги пече. Нејзините дизајни ги претставува преку Инстаграм профилот il silenzio perfetto.

„Одлична е идејата за поп-ап базарот. Секаде во светот младите дизајнери од матичната земја се особено охрабрувани и поддржувани“, додаде Секуловска.

Дизајнерката Дафина Џепароска (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Дафина Џепароска, која веќе девет години изработува накит и која претходно беше позната како „Dafe jewellery“, на базарот се претставува под новиот бренд „The House of Jupiter“.

Брендот на Џепароска „The House of Jupiter“ (Фото: СМАРТ СДК.МК)

„Претходно правев подетски колекции, имаше вилувчиња, лажичиња и вовчиња. Сега пораснав, па ми порасна и колекцијата. Личи на мали галаксии, но се и посебни парчиња сами за себе“, вели Џепароска.

Б. НЕСТОРОСКА

Студентот на Факултетот за ликовни уметности Јован Јосифовски се претставува со колажи инспирирани од театар, филм и книги (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Фото: СМАРТ СДК.МК

Фото: СМАРТ СДК.МК