БРИТАНСКИ УМЕТНИК СОЗДАДЕ ШЕСТ 12-ТОНСКИ СКУЛПТУРИ ЗА НОВ ПОДВОДЕН МУЗЕЈ ВО КАН

Кан, (Лонли планет)

Францускиот град Кан отвори подводен уметнички музеј, чија цел е да обезбеди заштита и засолниште за морскиот живот. Лоциран покрај островот Сент Маргерит, музејот се состои од шест скулптури на маскирани лица, сите високи по речиси два метра.

На британскиот подводен уметник Џејсон деКејрис Тејлор му биле потребни четири години за да ги изработи скулптурите, кои ја сочинуваат неговата прва инсталација во Средоземното Море. Тие претставуваат портрети на локални луѓе, од 80-годишен рибар до деветгодишен ученик.

(Фото: Џејсон деКејрис Тејлор)

Скулптурите се поставени на длабочина од три метри и секоја од нив тежи околу 12 тони.

Маските се посвета на историјата на островот, на кој во 17. век бил затворен „Човекот со железната маска“, за чиј вистински идентитет историчарите сѐ уште дебатираат. Тој беше инспирација за повеќе книги и филмови.

Тејлор создава подводни инсталации низ цел свет и неговите дела служат како вештачки гребени за флората и фауната. Во изработката на скулптурите тој користи нетоксичен, пХ-неутрален цемент што не содржи загадувачи и тие се дизајнирани да бидат интегрален дел од локалниот екосистем.