Блек Рок Сити, привремениот град во пустината во Невада, беше домаќин на речиси 80.000 луѓе од 25 август до 2 септември, кога се одржа 30. издание на фестивалот „Брнинг мен“, кој традиционално заврши со палењето на дрвена скулптура позната како „Човекот“.
Просторот на Блек Рок Сити е толку голем што може да се види и од вселената, а на сателитските снимки се забележливи и некои од уметничките инсталации, кои се прават специјално за фестивалот познат по својот утописки имиџ.
Еден од принципите на фестивалот е „не оставај траги“, што значи дека посетителите мора да земат сѐ што донеле со себе, оставајќи ја пустината повторно празна.
Темата на годинашниот фестивал беше „Метаморфоза“ и се славеа промената и истражувањето на неизвесното. За таа цел, уметници од цел свет создадоа колекција од неверојатни скулптури и инсталации, проследено со карактеристичната фестивалска мода.