Постојат многу епитети со кои може да се опише Дубаи, но тропски и зелен не се меѓу нив. Архитектонска фирма од Сингапур планира да направи еден дел од емиратот токму таков за потребите на Светската изложба, која ќе се одржи тука во 2020 година.

Павилјонот на Сингапур е замислен како оаза во арапската пустина, што ќе се простира на површина од 1.550 квадратни метри и ќе се наоѓа на половина час возење од центарот на Дубаи. Таа ќе има изглед на густ повеќеслоен тридимензионален озеленет простор, како град кој е сместен во градина.

„Со нашиот дизајн сакаме да покажеме дека е можно да се изгради самоодржлива зелена оаза секаде на светот, дури и во пустина“, вели коосновачот на студиото „ВОХА“, Вонг Мун-Сум.

Посетителите ќе имаат можност да шетаат меѓу тропски дрвја, грмушки и орхидеи во приземјето, а над него ќе има висечко шеталиште, кое ќе поминува низ вертикално засадено зеленило.

„Сингапур истражуваше разни можности како да стане едно од најзелените места на светот и сакаме нашите искуства и иновации да ги споделиме на Светската изложба во Дубаи. Садењето дрвја и создавањето зелени површини е најдобриот начин за итна акција против климатски промени“, додаде Вонг.