Данскиот уметник Томас Дамбо, познат по своите големи дрвени скулптури на тролови, ги испрати фановите во потрага по неговото последно дело. Тој осмисли сложен лов на богатство за да се пронајде неговата 100. скулптура насловена „Мајка Месечина“, за која кажа дека „ползела до најтајното место во шумата за да се породи“.
Неговите џиновски фигури инспирирани од скандинавските народни приказни се често лоцирани надвор од утврдените патеки, со цел да ги предизвика децата и возрасните да излезат во природа и да покаже што сè може да се направи со рециклирани материјали.
„Решив да направам супертајна скулптура и сложена потрага по богатство, што ве води до сите други што сум ги направил низ годините“, вели Дамбо.
Неговите тролови се наоѓаат низ цел сцет, од шума во Германија до планина во Јужна Кореја, но најмногу ги има во САД и родната Данска. Поранешниот графити уметник и рапер ги изработил своите први тролови за еден музички фестивал во 2014.
„Моите скулптури се посетени од десет милиони луѓе. Секоја е уникатна, има име, дизајн и личност. Сите, освен последната, можат да се пронајдат со помош на онлајн мапа на тролови“, вели Дамбо.
(Фото: Фејсбук)