УЧЕНИЦИ ОД КОЧАНИ НАЈДОБРИ ВО ЛЕГО ЛИГАТА НА МАКЕДОНИЈА, ОДАТ НА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ПО РОБОТИКА ВО МАРОКО

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

На петтиот државен натпревар по роботика во рамките на Лего лигата на Македонија, што се одржа на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, најуспешна беше екипата од СОУ „Ѓошо Викентиев“ од Кочани, во конкуренција на осум екипи од Кочани, Скопје и Тетово. Младите кочанчани од ова училиште како државни прваци и севкупни победници во Лего лигата стекнаа право да ја претставуваат Македонија на Светското првенство по роботика, кое од 18 до 21 мај ќе се одржи во Мароко.

Доделени се уште четири награди: Стем академија од Скопје е победник во категоријата роботска игра, Кемал колеџ од Тетово во категоријата иновативен проект, Робо од Кочани во категоријата дизајн на робот, а Кемал колеџ од Скопје во категоријата основни вредности.

Натпреварот беше за ученици од девет до 16 години и е мошне значаен, затоа што младите иноватори учат да ги развиваат своите техничко-технолошки и информатички вештини, учат како да изградат и програмираат робот и ги надградуваат своите основни вредности“, вели Александра Милева, професорка по информатика на „Гоце Делчев“.

Првиот човек на Лего лигата на Македонија, Гордан Анастасов, смета дека ваквите натпревари стануваат сè попопуларни кај младите и се надева дека нивното семејство од година во година ќе расте.

Т. ЈОВАНОВСКИ