Електричен автомобил кој се продава за 4.500 долари стана толку голем хит во Кина, што во продажбата ги надмина и моделите на „Тесла“.
Компактниот автомобил „хонг гванг мини ЕВ“ е произведен од државната компанија „САИЦ мотор“ во партнерство со американскиот гигант „Џенерал моторс“. Минатиот месец, тој се продал во двојно повеќе примероци од „Тесла“.
Иако најпопуларниот модел е оној од 4.500 долари, постои и верзија надградена со клима, која е 500 долари поскапа. Автомобилот се рекламира како „народна превозна алатка“. Експертите се согласуваат дека иако заостанува зад „Тесла“ во поглед на батеријата, перформансите и дометот, неговите едноставност и поволна цена го направија еден од најпродаваните „зелени“ автомобили.
Тој беше лансиран минатата година, има максимална брзина од 100 километри на час и може да собере четири луѓе. Лани биле продадени 112.000 примероци, а само во јануари 25.778, двојно повеќе од „тесла модел 3“. Се преговара за негово доаѓање и во Европа.