„ФОРД“ ОВАА НЕДЕЛА ГО ЗАПИРА ПРОИЗВОДСТВОТО НА „ФИЕСТА“ ПО 47 ГОДИНИ

Келн, (Автокар)

Производството на „форд фиеста“ и официјално ќе запре на 7 јули, по 47 години на пазарот. Од компанијата го најавија ова уште пред осум месеци, кога кажаа дека им треба повеќе простор во фабриката во Келн за составувањето на „експлорер ЕВ“.

„Форд“ ќе ги зачува последните два примерока на „фиеста“ во своите историски колекции во Германија и Велика Британија.

„Фабриката на ‘фиеста‘ ќе биде претворена во фабрика за целосно електрични автомобили. Токму затоа донесовме одлука за запирање на нејзиното производство“, изјави лани генералниот менаџер на „Форд Европа“, Мартин Сандер.

„Фиеста“ е еден од најдолговечните модели на „Форд“ и од премиерата во 1976, низ светот се продале 18 милиони примероци. Индиректно ќе биде заменета со електричната верзија на „пума“.

„Форд“ ќе се прости од уште еден свој популарен модел, откако беше потврдено дека „фокус“ ќе престане да се произведува во 2025.