ХОЛАНДСКИ СТУДЕНТИ НАПРАВИЈА ЕЛЕКТРИЧЕН АВТОМОБИЛ ОД ОТПАД

Ајндховен (Ројтерс)

Холандски студенти креираа целосно функционален електричен автомобил направен комплетно од отпад, вклучувајќи пластика собрана од морето, рециклирани пластични шишиња и ѓубре од домаќинствата.

Жолтиот спортски двосед што студентите го крстија „Лука“ може да постигне максимална брзина од 90 километри на час и да помине 220 километри со едно полнење, кажаа од Техничкиот универзитет во Ајндховен.

„Овој автомобил е навистина посебен затоа што целосно е направен од отпад. Шасијата е направена од лен и рециклирани пластични шишиња, а за внатрешноста е користен несортиран отпад од домаќинствата“, изјави менаџерката на проектот Лиза фан Етен.

Тврдата пластика што вообичаено се наоѓа во телевизори, играчки и кујнски апарати е искористена за телото на автомобилот, а седиштата се состојат од кокос и коњски влакна. Автомобилот бил дизајниран и направен за 18 месеци, во што учествувале 22 студенти.

„Со овој проект сакавме да покажеме дека и отпадот има потенцијал. Сѐ повеќе и повеќе компании користат рециклиран отпад и биолошки материјали за внатрешноста на автомобилите, но ние покажавме дека од нив може да се направи и шасија“, кажа Фан Етен.