ХРВАТСКАТА АВТОКОМПАНИЈА „РИМАЦ“ ЌЕ ГРАДИ НОВО СЕДИШТЕ ОД 200 МИЛИОНИ ЕВРА, ЌЕ ИМА И ТЕСТ ПАТЕКА

Загреб, (Индекс)

Хрватската компанија за хиперавтомобили и погонски системи за електрични возила „Римац автомобили“ го претстави проектот за своето ново технолошки напредно седиште, што ќе се гради покрај Загреб и ќе чини 200 милиони евра. Комплексот ќе содржи и тест патека, музеј и сместувачки капацитети.

„‘Римац автомобили‘ произлезе од визија за создавање возбудливи електрични автомобили и за само десет години прерасна од проект во гаража во компанија која вработува илјада луѓе. Денес развиваме и произведуваме сопствени автомобили и технологија, како и електропогони за голем број светски автомобилски компании“, се вели во соопштението на компанијата.

Комплексот ќе се гради покрај Загреб (Фото: Римац)

Освен што ќе ги собере сите вработени на едно место, новиот комплекс ќе биде и база за истражување, развој и производство и ќе ѝ помогне на компанијата да го замени производството на прототипови со производството во големи серии.

„Римац кампус“ ќе се простира на површина од 200.000 квадратни метри и треба да биде довршен до 2023 година. Ќе биде отворен за јавност и ќе овозможува интеракција на посетителите и вработените.

„Римац автомобили“ е стратешки партнер со „Порше“, „Киа“ и „Хјундаи“ и се најавува како нов сопственик на „Бугати“.