„Сеат“ зеде учество на Светскиот конгрес за мобилни технологии во Барселона, но не за да претстави смартфон или таблет, туку концептно возило. „Минимо“, електрично возило во стилот на „рено твици“, е нешто на половина пат меѓу мотоцикл и автомобил и е наменет за градско возење.
„Дизајнот на ‘минимо‘ го покажува начинот на кој ние ја разбираме урбаната мобилност: ефикасно, висококвалитетно и штедливо, во комбинација со динамичен изглед. Нашиот ‘минимо‘ покажува дека и електричните автомобили можат да бидат забавни и со стил“, изјави директорот на дизајн во „Сеат“, Алехандро Месонеро.
Долг 2,5 метри и широк 1,24 метри, „минимо“ е двосед, погоден за паркирање на помали простори. Со едно полнење на батериите можат да се поминат 100 километри.
По дебито во Барселона, најавено е дека „минимо“ ќе се појави и во Женева, а, според шефовите на „Сеат“, производството ќе почне во 2021.