ИГРАЛИШТАТА ГИ ДИЗАЈНИРАВМЕ ДА БИДАТ СЛАТКИ И СИМПАТИЧНИ И ДА БУДАТ НОСТАЛГИЈА, ВЕЛАТ СЦЕНОГРАФИТЕ НА „ИГРА НА ЛИГНИ“

Сеул, (Дезин)

Сценографиите на „Игра на лигни“, кои вклучуваат и графики на М. К. Ешер и вистински детски игралишта, биле дизајнирани да изгледаат симпатично и слатко, вели уметничкиот директор на хит серијата на „Нетфликс“.

Сместена во модерно време во Јужна Кореја, „Игра на лигни“ следи група од 456 луѓе кои се поканети да учествуваат во смртоносни детски игри на тајна локација, а победникот освојува награда од 45,6 милијарди вони (38,7 милиони долари).

Повеќето од арените за играње, кои се направени рачно, со многу малку специјални ефекти, се дизајнирани како преголеми верзии на вистински игралишта, со цел актерите да ги искусат просторите како кога биле мали деца, вели уметничкиот директор Хванг Донг-Хјук.

„Се обидов да ја симулирам атмосферата на вистински игралишта. Мислам дека тоа дава поголемо чувство на реалност на актерските изведби“, вели Хванг.

Подетален сет е направен за четвртата игра со џамлии, која се случува на место кое е копија на традиционално корејско маало.

„Најголемите напори ги вложивме во таа сценографија. Ни одзеде многу време. Најголема грижа ни беше како да го прикажеме зајдисонцето и се решивме за сценографија на границата на лажно и вистинско“, кажа Хванг.

Стаклениот мост во петтата игра е направен од вистинско стакло и иако не бил поставен над амбис, актерите се однесувале како да е.

„И височина од 1,5 метри може да те уплаши. Стаклото ги правеше актерите нервозни. Изгледаше како навистина да скокаат од висок мост. Играта беше вистинска и тие почувствуваа вистински страв“, откри Хванг.

Тој и неговата колешка Чае Кјунг-Сун ги дизајнираа и просторите каде што играчите ги чекаа следните игри, вклучувајќи ги надреалните лавиринтски скали, обоени во живи бои. Иако потсетуваат на дизајните на шпанскиот архитект Рикардо Бофил, тие најмногу се инспирирани од графиките на холандскиот уметник М. К. Ешер.

„Смртоносните игри обично се играат на страшни, ужасни места. Место тоа, одлучивме сетовите да изгледаат симпатично и слатко и да будат носталгија“, вели Хванг.