Петтиот дел на „Индијана Џонс“ нема да излезе ни следната година. Еден од најодложуваните нови филмови во пандемијата по кој знае кој пат доби нов датум на премиерата и конечно треба да излезе во 2023, кога главниот актер Харисон Форд ќе има речиси 81 година.

И додека „Дизни“ ги помести премиерите на продолженијата на „Блек Пантер“, „Тор“ и „Доктор Стрејнџ“ за неколку месеци во 2022, „Индијана Џонс 5“ е одложен за речиси цела година, од 29 јули 2022 за 30 јуни 2023. Форд го повреди рамото во јуни и неодамна продолжи со снимањето.

Овој филм беше најавен уште во 2018 и оригинално требаше да излезе во 2019.

Форд веќе имаше 65 години кога го сними четвртиот дел на „Индијана Џонс“, а премиерата на новиот филм конечно треба да се случи две недели пред неговиот 81. роденден.