ЈУЖНОКОРЕЈСКИ ДИЗАЈНЕР ПРАВИ СТОЛЧИЊА ОД ИСКОРИСТЕНИ ЗАШТИТНИ МАСКИ

Сеул, (Дезин)

Дизајнерот од Јужна Кореја, Ханеул Ким, собрал илјадници искористени и фрлени заштитни маски од неговиот универзитетски кампус и ги рециклирал за да направи столчиња. Тој се надева дека со проектот „Stack and Stack“ ќе придонесе за подигнувањето на свеста заштитни маски да не се фрлаат насекаде, по што тие завршуваат во почвата или океаните. Според негови податоци, месечно се фрлаат 129 милијарди заштитни маски за една употреба.

Столчињата ги има во разни димензии и бои и тие може да се ставаат едно врз друго.

„На почетокот ги собирав моите маски и од пријателите, но таа бројка беше мала. Потоа на кампусот поставив кутии за оставање маски и повремено ги празнев“, вели Ким.

По дезинфицирањето на маските, тој ги става во калап и ги топи една по една со помош на топлински пиштол. За една ногарка му се потребни 250 маски, а за седиштето 750. За крајниот резултат нема потреба од лепак или смола за да ги држи заедно, а дури и боите на столицата (бела, сина и розева) доаѓаат од боите на маските.